По гостувањето на Барселона кај Валенсија, резервистот на Барса, Артуро Видал, на „Инстаграм“ напиша порака која, меѓу редови, е упатена до тренерот Ернесто Валверде. Видал летоска со мерак дојде во каталонскиот клуб, но сега е несреќен бидејќи не добива минутажа и тренерот не верува во него.
„Не треба да се борите со предавниците, тие самите ќе си се обесат“, порача Видал.
По серијата слаби резултати на Барселона во шпанското првенство, почнува да се ниша местото на Валверде, а доколку тој остане без работа, Видал ќе биде меѓу најсреќните од таквата одлука на раководството на Барса.
Неколку минути по објавувањето на контроверзниот пост, Видал го избриша. Интересно е што меѓу оние кои го лајкувале напишаното се Колумбиецот Хамес Родригес и голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген. Сега Видал оди во родната земја и барем за репрезентацијата ќе игра и ќе има улога на лидер.