Во Анталија се среќни – Газат со засилувањата Јаховиќ, Подолски и Ѓумуш

Ангажманот на Адис Јаховиќ, Лукаш Подолски и Синан Ѓумуш за нас е како да сме добиле џекпот, вели првиот човек на Анталијаспор, Али Шафак Оцтурк.

Клубот е непоразен на 8 меча во турската Суперлига, а следниот предизвик е да се остане непоразен против гигантот Бешикташ, задутре во Истанбул на меч што ќе се игра без публика.

„Не можевме ниту да претпоставиме колку брзо и ефектно ќе се вклопат Јаховиќ, Подолски и Ѓумуш во нашиот напад. Среќен сум што имаме вистински погодок со трите офанзивни засилувања. Адис, Лукас и Синан не само што го преродија нападот, туку донесоа стабилност во сите линии на играта. Сега и останатите играчи покажуваат подобри перформанси, а среќни сме што владее прекрасна атмосфера и што ја имаме третата најдолга активна серија без пораз во лигата“, вели Оцтурк.

Ѓумуш и Подолски беа зимските засилувања на Анталијаспор, а за да биде комплетно освежување во нападот, се погрижи Оцтрук со ангажманот на Јаховиќ во летниот трансфер-период.

Македонскиот интернационалец се покажа како таличен за Анталија и кога тој настапува, тимот не губи. Имаше незгодна повреда на јаболчицата, но брзо закрепна и играше со маска, но и во ситуација што е невообичаена Адис покажа дека е вистински мајстор на фудбалската игра.

„Имаме напад за почит што го предводи третиот стрелец во Лигата. Адис е еден од најдоминантните напаѓачи во првенството. Лукас има искуство што е непроценливо, а блеска и Ѓумуш. Секако да не ги заборавиме и останатите играчи, со кои направивме одличен тим што може да игра рамноправно со секој противник во шампионатот“, додава Оцтурк.

Подолги серии од Анталијаспор моментно имаат само Галатасарај и Трабзонспор, екипи што бијат битка за титулата.

- Оглас -

Најнови вести