Барселона го продолжи походот кон титулата во шпанското првенство откако синоќа минимално со 1:0 ја победи Мајорка во меч од 33-тото коло на Примера дивисион. Со оваа победа каталонскиот гигант стигна до 76 бода, дури седум повеќе од вечниот ривал Реал Мадрид, кој вечерва гостува кај Хетафе во мадридската пресметка.
Иако беше голем фаворит, Барселона се намачи да ги освои трите бода против Мајорка. Дани Олмо на почетокот на второто полувреме погоди за 1:0, што на крајот се покажа како клучен момент на средбата. Интересно е дека каталонскиот гигант упати неверојатни 40 шута кон голот на гостите, со што го израмни рекордот на Реал Мадрид поставен во 2011 година на дуелот против Сарагоса.
Со погодокот на Олмо, Барселона стана првиот тим во Европа сезонава што во своите редови има петмина фудбалери кои постигнале 10+ погодоци. Во оваа група со 10+ погодоци од порано беа Роберт Левандовски, Рафиња, Ламин Јамал и Феран Торес, а од синоќа се приклучи и Олмо.