Во Италија грмат против изјавата на сопственикот на Јувентус кој сака да ги елиминира помалите клубови

Првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели, е еден од главните иницијатори за воведување на фудбалска Суперлига во Европа, каде што би играле најмоќните и најбогатите клубови во Европа. Дека на Ањели воопшто не му се допаѓа кога во европски рамки ќе се вмеша некој „клуб од надвор“, го покажа и со изјавата дадена за Аталанта и успехот кој тимот од Бергамо го прави во Лигата на шампионите.

„Многу ја почитувам работата на Аталанта, но тоа е тим без историја на европската сцена и благодарение само на една добра сезона во Серија А, обезбеди директно место во групната фаза. Дали е тоа правилно или не?“, рече меѓудругото Ањели, а потоа веднаш доби одговор од градоначалникот на Бергамо, кој може да го прочитате ТУКА.

Против изјавата на Ањели застана и Урбано Каиро, кој е претседател на Торино, градскиот ривал на Старата дама.

„Апсурдно. Спортот е за сите екипи, не само за големите и богатите. И сега поделбата на парите е нерамноправна, а кога големите клубови би направиле своја лига, тогаш разликата во финансиите ќе биде уште поголема. Тоа сериозно ќе наштети на конкурентноста во домашните лиги. Ако некој клуб вложи многу пари и ги нема посакуваните резултати, тогаш значи дека направил некоја грешка. Не смееме поради тоа да ги казнуваме клубовите кои добро работат и ги прават вистинските потези“, рече првиот човек на Торино.

 

- Оглас -

Најнови вести