Во Италија никој не го сака непријателот на Пандев – Тој е виролог, психолог и астронаут по потреба

Масимо Челино е уште еден во низата фудбалски фактори во Италија што одлучи да му се спротивстави на Клаудио Лотито, контроверзниот претседател на Лацио.

Лотито се залага веднаш да се продолжи со тренинзи и со натпревари во Серија А, а неговиот Лацио има амбиции да ја освои титулата. Лацио играше одлично до прекинот на сезоната и на 12 кола до крајот има само еден бод помалку од лидерот Јувентус.

„Не мора Владата на Италија да одлучи кога ќе се игра фудбал. Го имаме Лотито. Па тој е и виролог, психилог, нуклеарен научник, а по потреба може да биде и астронаут. Еве тој нека одлучи кога ќе се игра“, изјави првиот човек на Бреша, Челино.

Претходно слична изјава имаше и првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели, кој додаде и дека Старата дама не сака титула без да заврши првенството, со што ги расипа сите планови и стравови на Лотито дека Лацио може да извиси, со некаква одлука првенството во Италија да не се доигра и клубот од Торино да биде прогласен за шампион.

Лотито е познат и по голготата што ја предизвика и кај Горан Пандев во 2009 година. Капитенот на македонската репрезентација најави дека ќе си оди од Лацио, а првиот човек на лацијалите реагираше неџентлментски и го отстрани Пандев од тимот цели 4 месеци.

Тогаш пропадна и трансферот на струмичанецот во Зенит, кој нудеше 13 милиони евра за Пандев. Подоцна нашиот репрезентативец го доби спорот со Лацио и најмногу со Лотито, па клубот му исплати отштета од 170 илјади евра, а Гоче се пресели во Интер и веќе следната сезона го освои највредниот клупски трофеј во Европа, пехарот во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести