Во Јанг бојс му се потсмеваа како неталентиран, а Џани стигна до кремот на англискиот фудбал

Езџан Алиоски не се разочара по неџентлменскиот потег на швајцарските шампиони од Јанг бојс, клуб во кој мина 10 години на почетокот на својата кариера и веруваше во себе и покрај тоа што го прогласија за неталентиран за фудбал, па стигна до една од најсилните лиги на светот и ќе игра во Премиер лигата на Англија.

„Минав 10 години во Јанг бојс и бев многу разочаран и тажен кога ми беше соопштено дека не веруваат во моите фудбалски квалитети. Многумина веројатно и ќе се откажеа, но не и јас. Продолжив напорно да тренирам со помош на мојот татко и постариот брат и, за среќа, стигна понуда од Шафхаузен. Никогаш нема да го заборавам тренерот на тимот Маурицио Јакобачи, кој ми даде шанса и нов фудбалски живот“, раскажува Алиоски во интервју за швајцарскиот Блик.

Патот до друштво со ѕвездите од Премиер лигата, со кои и против кои ќе игра со Лидс следната сезона, беше трнлив и тежок за нашиот репрезентативец, но сега, како што вели, ужива во слатките моменти.

„Играм за екипа што има големо реноме во Англија, но и многу навивачи ширум светот. Ги знаете постигнувањата на клубот во минатото. Лидс е трикратен шампион на Англија, освојувач на сите можни купови во земјата и двапати беше вицешампион во европските натпреварувања, во КЕШ и во УЕФА купот. Кога бевме на турнеа низ Австралија, не можев да верувам колку луѓе навиваат за Лидс. Дури наидовме на мост кој беше обоен во клупските бои на екипата“, додава Алиоски.

По ланската неуспешна авантура, кога за малку го пропуштија билетот за настап во Премиер лигата, Лидс предводен од Марсело Бјелса и со нашиот репрезентативец во составот успеа да биде шампион во Чемпионшип лигата и да се пласира во елитен ранг по пауза од 16 години.

„Се забавувавме, славевме и имавме неверојатна седмица, но сега треба да мислиме на настапите во Премиер лигата. Очекувам спектакуларна сезона и одлични натпревари во најсилната англиска лига. Секако, се радувам и на шансата со Македонија да се обидам да се пласирам на Европското првенство. Имаме одлична репрезентација, луѓето ме поддржуваа и кога играв во Втората швајцарска лига и навистина уживам кога ги бранам боите на Македонија“, заврши Алиоски.

- Оглас -

Најнови вести