Во обид да добие дрес за спомен од Мбапе или Жиру, сега цел живот ќе зборува за лошото искуство

Дека големите ѕвезди не се секогаш пријателски расположени, тоа најдобро на своја кожа го почувствува напаѓачот на австралиската репрезентација, Џејсон Кумингс. Австралија беше во група со Франција, Тунис и Данска и Кенгурите успеаја да завршат како втори во групата, а потоа да ја намачат Аргентина во осминафиналето, кога загубија со 2:1.

Кумингс има одлични импресии од играта на неговата репрезентација во Катар, но од Мундијалот носи и едно горко искуство. Тој раскажа како по мечот со Франција бил одбиен од Килијан Мбапе и Оливие Жиру во обид да ги заменат дресовите.

„По мечот со Франција, се обидов да го добијам дресот на Мбапе. Жиру не беше мојот прв избор затоа што ја сакав главната ѕвезда. Ми рече дека ќе ме почека во соблекувална за да ги замениме дресовите. Заминав до нивната соблекувална и му го дадов дресот на нивниот економ. Десет минути подоцна се врати со мојот дрес во рацете и ми рече дека Мбапе не сака да се смениме“, раскажува Кумингс за неговото прво разочарување, а потоа следело ново непријатно искуство.

„Кога се враќав кон нашата соблекувална, го видов Жиру. Дојдов до него и љубезно му реков: „Те молам, може ли да го добијам твојот дрес? Јас сум твој голем фан и затоа би сакал да го имам дресот.“ Жиру воопшто не ни застана и се правеше дека не разбира англиски јазик, а веќе 10 години игра во Премиер лигата. Навистина беше неубав момент“, раскажува Кумингс.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести