Во последните минути играа со двајца голмани на терен и пак примија гол!

Екипата на Вурцбергер кикерс загуби на гостувањето кај Дармштад со 2:0, во меч од 12. коло на германската Цвајте, односно Втора лига. Домаќините поведоа со голот на Кемпе во 55 минута, а се играше последната 90-та минута кога гостите направија чудна замена.

Вурцбергер кикерс на овој меч имаше само 14 здрави фудбалери, додека останатите се во изолација или карантин поради Коронавирусот. Покрај 11-те на теренот, имаше и три резерви, меѓу кои едниот беше голман. Во 90-тата минута, гостинскиот тренер сакајќи да внесе свеж играч на теренот, реши во игра да го внесе Ерик Верстапен кој е голман.

Ако се знае дека голманот на гостите остана на своето место, Верстапен влезе на местото на играч, па на теренот гостите практично имаа двајца регистрирани голмани.

Оваа измена не донесе многу корист за Вурцбергер, затоа што Дармштад во 94 минута даде уште еден гол за да го потврди триумфот од 2:0. Со оваа победа, домаќините се искачи на деветото место на табелата, додека Вурцбергер остана закован на дното на табелата со само четири бода од 12 средби.

 

- Оглас -

Најнови вести