Во спомен на Саздо – Легенди на Вардар и Тетекс ќе приредат спектакл на култно место за ридско-брзински трки во Скопје

Легенди и големи поранешни фудбалски ѕвезди на Вардар и Тетекс ќе приредат спектакл денеска од 19 часот во Ракотинци, скопско, на ревијален меч во чест на трагично убиениот навивач на Вардар, Никола Саздовски-Саздо.

Двата легендарни клуба во Македонија и многу фудбалски ѕвезди што во минатото играле за Вардар и Тетекс ќе играат на култно место, каде се организираат ридско-брзински трки во мотоциклизам.

Комити и Војводи и сите навивачи на Вардар и Тетекс го најавија ревијалниот натпревар во чест на Саздо:

Ѕвездите за ѕвездата !
Големи фудбалски имиња повторно ќе ја облечат опремата која долго време не им е извадена од плакарите и фиоките.
Не беше воопшто тешко да ги натераме да дојдат и повторно да истрчаат на теренот, за 5 годишната комеморација на еден од нас, кој беше секогаш тука за нив, и не го штедеше гласот и дланките, не жалеше ниту време ниту средства.
СО СРЦЕ ЗА САЗДО !
Како што тој беше со срцето за Вардар. Но беше и за Тетекс и Тетово. И токму тие два клуба кои му беа при срцето, со своите големи фудбалски имиња и славно минато, повторно ќе блеснат, за да ја осветлат ѕвездата. Да и подарат светлина која вечно ќе свети над нашето небо !
Дојдете во Ракотинци, бидете дел од ова ѕвездено соединување. Бидете ѕвездената прашина која ќе даде дополнителен сјај, и ќе го направи соѕвездието поубаво. Бидете дел од приказната во која Саздо веруваше до својот последен здив. Бидете дел од ова посебно Братско Дерби, кое не враќа во едно минато, кога почитта беше дел од спортскиот кодекс. Кога солидарноста беше нормална појава.
Дојдете да направиме спој на минатото и сегашноста, за сите барем за момент ја повикаме неговата душа, за да види дека не се само празни зборови кога му велиме: САЗДО НЕ ТЕ ЗАБОРАВАМЕ !
Ѕвездите ќе блеснат за САЗДО точно во 19:47  Знаеме и зошто баш тогаш…
Петок, 26.08
Терен во Ракотинци.
Бидете таму од 19:00ч.
САЗДО ЖИВЕЕ !

- Оглас -

Најнови вести