Во Србија се навикнаа само деца да пуштаат на стадион

Дисциплинската комисија на УЕФА ја казни Фудбалската федерација на Србија со два меча играње без публика (вториот меч е условен) поради пропустите направени за време на дуелот против Португалија, во квалификациите за Европското првенство 2020.

Од УЕФА засега немаат конкретно објаснување зошто е оваа казна, но сигурно е дека на дуелот против Луксембург нема да може да присуствуваат гледачи, освен деца до 14 години. Србија ќе игра против Луксембург на 14 ноември, а три дена потоа ќе игра и против Украина. За да се надева дека може да стигне на ЕП 2020, Србија мора да победи на двата меча, но и да чека кикс на Португалија во последните две кола.

За Србите веќе станува пракса само деца да одат на стадион, но покажаа дека и тоа знаат успешно да го организираат. Партизан беше казнет да игра без публика на мечот против АЗ Алкмар, но на стадионот сепак имаше 22.000 деца до 14 години. Затоа и за дуелот со Луксембург може да се очекува Србија да има голема поддршка од најмладите фудбалски фанови.

- Оглас -

Најнови вести