Војдан: Добивме добра група за олимписките претквалификации во која ќе го тестираме нашиот квалитет 

Капитенот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Војдан Стојановски, смета дека групата за олимписките претквалификации за пласман на ЛОИ во Париз 2024 во која се наоѓаат Црвено-жолтите е добра.

Македонија е во групата А заедно со селекциите на Израел, Чешка и Естонија, која ќе биде домаќин на турнирот кој ќе се игра од 12 до 15 август и тоа во Талин.

„Сметам дека групата што ја добивме е добра. Кога велам добра, мислам од причина што носи реален квалитет и можност да видиме каде сме, односно каде ќе бидеме во тој момент. Ќе биде одлична можност за проверка на нашите квалитети во едно повисоко ниво од тоа што го игравме во изминатите претквалификации за Евробаскетот. Естонија е домаќин на турнирот, а тоа значи дека штом испратиле пријава за организација, имаат високи амбиции.

Израел и Чешка се постојани учесници на Евробаскетот. Чесите беа и домаќини на една од групите на претходниот собир на најдобрите европски селекции. Дали и колку ќе бидеме конкуренти, тоа зависи во каков состав ќе бидеме во Талин. Се надевам дека за разлика од последниот циклус од претквалификациите, ќе бидеме комплетни. Дека ќе можеме да сметаме и на некои играчи кои ги немавме на минатите натпревари, како Љубомир Младеновски. Се надевам дека ќе го имаме и Ненад Димитријевиќ, дека со нас ќе биде и Андреј Јакимовски. И најважно од сè е да не послужи здравјето во периодот кој следува“, вели Стојановски.

- Оглас -

Најнови вести