Време е за Калчо дерби на најтрофејните – Јувентус брани две осмици против Милан

Јувентус ќе му биде домаќин на Милан во 288. дерби на двете најуспешни екипи на Чизмата, на два состави со богати колекции со трофеи.

Старата дама е подобра на домашен план со вкупно 56 пехари, наспроти 30 на Милан, а росонерите подобро стојат на интернационален план со 18 трофеи во однос на 11-те што ги има актуелниот првак.

Јувентус во последно време е во многу подобра ситуација од Милан, „црно-белите“ нанижаа 8 шампионски пехари по ред во Серија А, додека Милан некако постојано е во криза.

Утревечер во Торино од 20.45 часот, домаќинот ќе ја брани и шампионската осмица, но и осмицата во серијалот со исто толку победи по ред против Милан.

Роналдо има два од три против Милан

Јувентус доминираше и во Калчото и против Милан и пред доаѓањето на мега-ѕвездата Кристијано Роналдо, но сега тимот од Торино има сосема поинаква димензија. Португалецот го збогати соѕвездието на Старата дама, која и сега е голем фаворит за победа против Милан.

Гостите предолго се мачат со кризата што ги тресе во последните години, а сезонава по долг период не играат и во европските купови. Целта е да се вратат на старите позиции, кога дрмаа и во Италија и во Европа, но се чини дека и немаат тим за големи дела.

Особено лошо играат против Јувентус, а серијата од 8 порази по ред е незгодна за гигант од калибарот на Милан. Роналдо повторно ќе им биде главна мета за сопирање, откако им даде два гола на три дуели на кои настапи, по пристигнувањето во редовите на шампионот на Италија.

Традиција што трае – Двете екипи имаат постигнато повеќе од 400 голови во мрежата на ривалот

Традицијата за двете екипи, односно за меѓусебните дуели е една од најдолгите во Европа и е за почит. Во сите конкуренции одиграа дури 287 натпревари, а Јувентус е со подобар биланс. Имаат 107 победи, 94 пати беше нерешено, а Милан славеше на 86 меча.

И двете екипи имаат постигнато над 400 голови во мрежата на лутиот ривал, а и тука „црно-белите“ се подобри со гол разлика 417:404.

Во оваа декада веројатно нема да стасаат до заедничкиот и јубилеен 1.000 погодок во меѓусебните дуели, но секако и тој момент не е толку далеку.

Утре од 20.45 часот на прекрасниот стадион „Алијанс“ во Торино ќе го играат 230. официјален меч, овојпат во битка со различни цели. Јувентус за да го задржи врвот на табелата во Серија А, а Милан за да се придвижи кон горниот дом во популарното Калчо.

Можни состави:

Јувентус – Шчесни, Данило, Бонучи, Де Лихт (Ругани), Алекс Сандро, Рабио (Матуиди), Пјаниќ, Бетанкур, Бернардески, Дибала (Рамзи), Роналдо. Тренер: Маурисио Сари.

Милан – Донарума, Калабрија, Дуарте, Ромањоли, Ернадес, Бенасер, Леао (Пакета), Бонавентура, Чалханоглу, Пјонтек, Кастилјехо (Сусо). Тренер: Стефано Пиоли.

 

 

- Оглас -

Најнови вести