Време е за одмазда

Македонија со големи амбиции тргнува во новото издание на Лигата на нациите, а селекцијата на Ерменија е првата пречка за составот на Игор Ангеловски на стартот од септемврискиот циклус. Ерменците доаѓаат во „Скопје“ со убави спомени од последната меѓусебна средба која ја добија со убедливи 4-0 на домашен терен, но дојде време за реванширање и одмазда.

Тој пораз уште боли, па затоа денес Рисови се гладни за триумф и воедно оправдување на фаворитската улога. Македонија има позитивен биланс против Ерменија на домашен терен со две победи, едно реми и пораз претрпен во 1994 година. Во вкупниот биланс, Ерменија води со 4-3 во победи, а во две средби не се издвоил победник.

Ангеловски за денес нема да смета на првиот голман Столе Димитриевски, па до последен момент ќе се бира една од трите опции меѓу Илиев, Шишковски и Богатинов. Исто така Иван Тричковски отпадна од комбинација поради повреда, а отсутен е и Даниел Аврамовски.

Оваа генерација на репрезентативци ја навикнаа навивачката база само на позитивни резултати на арената „Тодор Проески“ во Скопје, па ако се занемарат поразите од Австрија и Полска од последните евроквалификации, од октомври 2017 година па досега, Македонија запиша осум победи.

Ништо помалку не се очекува во дуелот против селекцијата која што ни беше противник и во претходното издание од ЛН, а во денешната пресметка ќе влезе со лоша форма од три порази, реми и само една победа.

Дуелот Македонија  – Ерменија е закажан за 15 часот на арената „Тодор Проески“, и нормално ќе се игра без присуство на публика.

- Оглас -

Најнови вести