„Вресокот“ на Леброн одекна низ цела Америка

НБА-лигата доживеа тежок удар откако синоќа беше одлучено да се бојкотираат трите меча кои беа на програмата во плејофот. Најпрво беше одложен дуелот меѓу Милвоки и Орландо, откако кошаркарите на Бакс останаа во својата соблекувална и не се појавија на теренот во времето предвидено за почеток на дуелот.

Подоцна и кошаркарите на Орландо се солидаризираа, а тоа го направија и играчите на Хјустон, Оклахома, Лос Анџелес лејкерс и Портланд кои требаа да играат синоќа. Причина за бојкотот е насилството на полицијата врз црномирестите жители на САД.

„За*би ова човече!!! Бараме промени. Мака ми е веќе од ова“, синоќа напиша Леброн Џејмс на својот твитер-профил, а неговата порака одекна низ цела земја.

Пред неколку дена во сојузната држава Висконсин беше застрелан црномурниот Џејкоб Блејк. Тој беше застрелан пред своите три деца, додека се обидуваше да влезе во колата, поради непочитување на полициска наредба. Полицаецот кој беше до Блејк, го извади пиштолот и во грбот на ненаоружениот човек испука седум куршуми. Блејк е во болница и се бори за својот живот.

Овој инцидент со Блејк е само продолжување на серијата бруталност на полицијата во САД врз неоружени црномирести луѓе. Во мај се случи трагедија кога полицаец го уби црномирестиот Џорџ Флојд, и тоа сред улица задушувајќи го со колено на вратот. Несреќниот Флојд го молеше полицаецот да се тргне од неговиот врат за да може да дише, но тоа не се случи.

По тој инцидент, низ цела Америка имаше жестоки протести, а НБА-кошаркарите застанаа зад движењето „Животите на цромурните се важни“.

- Оглас -

Најнови вести