Ракометниот клуб Вардар 1961 в среда од 20.45 часот во Скопје го пречекува Мешков Брест во вториот меч сезонава за Црвено-црните во Лигата на шампионите, а во пресрет на дуелот со Белорусите, своја најава даде тренерот Веселин Вујовиќ.
„Едно е сигурно, а тоа е смртта, сè друго е релативна работа. Не сакам да се жалам, но во последните седум дена одигравме четири меча и ако ги сметаме Мешков Брест и Еурофарм Пелистер, тоа ќе бидат шест меча за 14 дена. Вардар во овој момент нема капацитет за толкав број натпревари. Кoлку што знам, и Мешков има проблеми со повредени играчи. Кудуз не верувам дека ќе може да ни помогне, во последните седум дена не направивме два нормални тренинзи. Ни фали уште еден среден бек, а за да пробам некој од другите ракометари, нема време. Треба да се надминеме себе за да го победиме Мешков. Нивната игра се врти околу Скубе. Ние без навивачи во сала не сме Вардар. Колку Комити ќе дојдат, не знам, но, секако, би ни значело да бидат во голем број”, рече Вујовиќ.
Популарниот Вујо потврди дека Гурбиндо веќе не е член на Вардар и дека Шпанецот повеќе ќе недостасува поради одбраната отколку во нападот. Најверојатно на голот ќе се појави Борко Ристовски, кој не играше со Елверум.