За да биде полесно во Перм, кошаркарите ќе патуваат со чартер-лет

Македонската кошаркарска експедиција ќе патува со чартер-лет за Перм, Русија, каде што ќе игра од 18 до 22 февруари во таканаречениот балон за квалификациските дуели со Италија, Русија и Естонија.

Турнусот од четири меча во Перм ќе го почнеме против Италија на 18 февруари, ден подоцна играме со домаќинот Русија, два дена потоа пак ќе им излеземе на мегдан на популарните Аѕури, а овој мини-циклус го завршуваме со клучен дуел против Естонија на 22. февруари.

„Нашиот најдобар сениорски тим заслужува и најдобри услови за функционирaње. Со оглед на тоа дека пред момците и стручниот штаб е најзначајниот дел од квалификациите, ние како Федерација се потрудивме и обезбедивме сè што потребно за тоа. Вклучително и чартер-лет до Русија, каде што во наредниот месец нè чекаат четири квалификациски натпревари. Сè со една цел, нашиот најдобар тим да биде што е можно подобро подготвен за предизвиците и сите заедно да се обидеме да дојдеме до пласман на Евробаскетот“, изјави претседателот Перо Антиќ.

Македонија има два порази на двата досега одиграни натпревари, а ни треба да бидеме најмалку трети во конкуренција на Русија, Италија и Естонија за да играме на Евробаскетот што идната година ќе го оргазнизираат Чешка, Грузија, Италија и Германија.

„Во оваа прилика, сакам да ја потенцирам нашата извонредна соработка која ја имаме со Агенцијата за млади и спорт и директорот Наумче Мојсоски, кои ги следат нашите меѓународни активности“.

Македонската кошаркарска експедиција ќе полета за Перм на 15 февруари во претпладневните часови, а враќањето од Русија е предвидено за 23 февруари, информираат од нашата кошаркарска федерација.

- Оглас -

Најнови вести