За пласманот во четврт-финалето на Афкон добија награда од 200 евра

Доцна синоќа се комплетираа сите учесници во четврт-финалето на Купот на африканските нации. Во последниот меч, во драматична завршница, Тунис дури по подоброто изведување на пеналите ја елиминираше Гана. Со оваа победа, Тунис си обезбеди меч против Мадагаскар.

Мадагаскар е репрезентацијата која е најпријатното изненадување во досегашниот дел од Афкон. Тоа е земја во која живеат 25 милиони луѓе, но е многу сиромашна, па просечно луѓето трошат по 33 долари месечно. На фудбалски план, Мадагаскар беше тотален анонимус. Никогаш претходно немаше играно на Афкон, па многумина типуваа дека нивното учество ќе биде рекреативно.

Селекторот на Мадагаскар, Николас Дупис, пред почетокот на турнирот даде една интересна изјава. „Пријатели, слаби сме, но немојте да нè потценувате. Можеме и ние да направиме изненадување“, рече Дупис, но очигледно дека ретко кој сериозно ги сфати овие негови зборови.

Во групната фаза, Мадагаскар се најде со Нигерија, Гвинеја и Бурунди. На деби-настапот против Гвинеја одигра 2:2, што беше изненадување за многумина. Сепак, тоа беше само почеток на изненадувањата на Мадагаскар. Во второто коло, дебитантот со 1:0 го победи Бурунди, а кулминацијата се случи во третото коло, кога со 2:0 ја победија фаворизираната Нигерија и на тој начин како првопласирани завршија во групата.

Во осминафиналето, Мадагаскар го доби ДР Конго. По голема битка, на крајот беше 2:2 и мораше да се шутираат пенали. Во ударите од белата точка, Мадагаскар направи уште едно изненадување и со 4:2 го елиминираше Конго. Земјата која многумина првпат ја слушнаа благодарение на анимираниот светски познат цртан филм Мадагаскар, сега знаат дека таму се игра и фудбал.Следниот предизвик за нив сега е Тунис.

Селекторот Дупис објаснува дека овој успех на Мадагаскар е неверојатен, посебно ако се знае во какви услови работат.

„Луѓето не може ни да разберат во какви услови ние се подготвувавме. Бевме сместени во хотел во кој се извршуваа градежни работи. Моравме да скокаме преку електрични кабли, да поминуваме низ кокошарник за да стигнеме до рецепцијата. И покрај сите лоши услови, Мадагаскар треба да биде горд бидејќи жителите од оваа земја никогаш не биле толку весели“, изјави францускиот стратег на чело на Мадагаскар.

Зa големиот успех и влезот во четврт-финалето имаше прослава во Антананавиро, кој е главен град на земјата која се наоѓа во Индискиот океан. Главниот меѓу навивачите најави дека за успехот на фудбалерите, тој ќе даде награда вкупно 200 евра, која играчите треба да ја поделат меѓу себе.

Интересно е што селекторот Дупис како играч најмногу што стигнал е да игра во тим кој се натпреварувал во шестата француска лига, а како стратег, токму работата во Мадагаскар му е најсериозниот проект. Тоа доволно кажува за каков лаик се работи, но и тој успеа да направи „хемија“ на екипата, која сега е меѓу најдобрите осум во Африка.

Против Тунис, најголема надеж за Мадагаскар во играта ќе биде напаѓачот Ромарио Баџо. Името на овој играч од нападот всушност е комбинација на двете најголеми ѕвезди од Светското првенство во САД во 1994 година, Бразилецот Ромарио и италијанскиот голгетер Роберто Баџо.

 

- Оглас -

Најнови вести