За прв пат: Скопјанец ќе игра против Рафаел Надал, светско чудо би било ако победи!

Рафаел Надал има фантастичен почеток на 2022 година. Шпанецот играше на два турнири и двата ги освои. Прво победи на турнирот во Мелбурн како загревање за Отвореното првенство на Австралија, а потоа го освои и вредниот трофеј на првиот гренслем-турнир во сезоната.

Шпанецот сега е дел од АТП-турнирот во Акапулко, Мексико, каде што без проблем го помина првото коло победувајќи го Денис Кудла со 2:0 во сетови.

Сега Надал за противник има тенисер против кого досега никогаш нема играно. Тоа е Стефан Козлов, кој игра со пасош на САД и моментно е на 130-тото место на АТП-листата. Стефан е роден пред 24 години, и тоа во Скопје. Стефан ќе биде прв тенисер роден во главниот град на Македонија што ќе игра против тенисерот со најмногу освоени гренслем-турнири во историјата (21 титула).

Надал е огромен фаворит, но Козлов во првото коло покажа дека не се плаши од фаворити, па по голема борба и меч кој траеше повеќе од три часа го елиминираше Бугаринот Григор Димитров. Пред крајот на овој меч, на Стефан буквално му се вкочанија нозете и тој падна, но успеа да се врати и да победи.

Сега пред скопјанецот е најголемиот предизвик во неговата кариера, дуел против Рафаел Надал.

- Оглас -

Најнови вести