За прв пат во историјата на Светските првенства и жени ќе бидат главни судии

За прв пат во 92-годишната историја на Светските првенства, меѓу судиите има и жени, и тоа шест, три главни судии и три помошнички.
Честа да бидат главни судии на најголемиот фудбалски настан во светот ќе ја имаат Французинката Стефани Фрапар, Салима Мукансанга од Руанда и Јапонката Јошими Јамашита, додека помошни судии ќе бидат Бразилката Неуза Бак, Мексиканката Карен Диаз Медина и Американката Кетрин Несбит.

„Навистина сум трогната бидејќи нема поголем фудбалски настан од Светското првенство. Веќе не се работи за полот, туку за вашата способност“, изјави 38-годишната Фрапар.

Стефани Фрапар е првата жена што судеше натпревар во Лига 1 во 2019 година, истата година кога го водеше финалето на Светското првенство за жени што се одржа во нејзината земја. Таа го судеше Суперкупот на Европа во 2019 година помеѓу Ливерпул и Челзи, а пред две години стана првата жена која судеше во Лигата на шампионите.
Јамашита, која е две години помлада од Фрапарт, во 2019 година стана првата жена што судела натпревар од азиската Лига на шампионите.

На почетокот на оваа година таа стана професионалец, откажувајќи се од работата како фитнес тренер, со која дотогаш се занимаваше со скратено работно време.

Салима Мукансанга (34) своевремено сонуваше да стане професионална кошаркарка, но на 20 години веќе судеше во домашната женска фудбалска лига во својата земја.
Таа судеше на Олимписките игри во Токио, на Светското првенство за жени, во африканската женска Лига на шампиони, а оваа година стана првата жена која судела натпревар на Африканскиот куп на нации во машка конкуренција.

“Со ова се заокружува процесот што го започнавме пред неколку години со воведување на женски судии на натпреварите во машка конкуренција, прво почнавме во јуниорските категории, а сега и во сениорска. Сите тие си го заслужија своето место на Светското првенство бидејќи секогаш судат на високо ниво. Како и секогаш, нашиот избор на судии се заснова првенствено на квалитетот“, изјави неодамна претседателот на судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.
На Мундијалот во Катар, меѓу судиите по двајца претставници ќе имаат Аргентина, Бразил, Англија и Франција. Аргентинскиот судија Нестор Питана, кој пред четири години го судеше финалето меѓу Франција и Хрватска на Мундијалот во Русија, не е меѓу судиите кои ќе го делат правото во Катар.

Вкупно 36 главни судии, 69 помошници и 24 ВАР судии ќе ја делат фудбалската правда на Светското првенство во Катар.

ГЛАВНИ СУДИИ ЗА СП: Абдулрахман Ал-Јасим (Катар), Крис Бит (Австралија), Алиреза Фагани (Иран), Ма Нинг (Кина), Мохамед Абдула Хасан Мохамед (ОАЕ), Јошими Јамашита (Јапонија), Бакари Гасама (Гамбија) , Мустафа Горбал (Алжир), Виктор Гомес (Јужна Африка), Салима Мукансанга (Руанда), Магет Ндијаје (Сенегал), Јани Сиказве (Замбија), Иван Бартон (Ел Салвадор), Исмаил Елфат (САД), Марио Ескобар (Гватемала) , Саид Мартинез (Хондурас), Цезар Артуро Рамос (Мексико), Рафаел Клаус (Бразил), Андрес Матоте (Уругвај), Кевин Ортега (Перу), Фернандо Рапалини (Аргентина), Вилтон Сампајо (Бразил), Факундо Тељо (Аргентина), Жесус Валензуела (Венецуела), Метју Конгер (Нов Зеланд), Стефани Фрапар (Франција), Иштван Ковач (Романија), Дани Макели (Холандија), Симон Марчинијак (Полска), Антонио Матеу Лахоз (Шпанија), Мајкл Оливер (Англија), Даниеле Орсато (Италија), Даниел Зиберт (Германија), Ентони Тејлор (Англија), Клемент Турпан (Франција), Славко Винчиќ (Словенија).

 

- Оглас -

Најнови вести