Забрана за гостување – Најголемото дерби во Франција ќе се игра без навивачите на Лион

Министерството за внатрешни работи на Франција донесе ригорозна одлука и навивачите на Лион нема да можат да го бодрат својот тим против Сент Етјен во недела, во најголемото дерби во Лига 1.

Популарното Ле Дерби, или како што уште го нарекуваат Дерби Роналпин има долга традиција и ќе се игра 123. меч меѓу големите локални ривали.

Сент Етјен е домаќин и има едни од најфренетичните ривали на светот, а ривалот од Лион им е фудбалски непријател број 1. Првиот меч двете екипи го одиграа во 1951 година и досега на 122 натпревари билансот е речиси израмнет.

Лион има 45 победи, Сент Етјен 44 пати се радуваше, а нерешено завршија 33 натпревари. Сент Етјен кој има 10 титули и е ко-рекордер со Олимпик Марсеј има подобра гол-разлика од 156:147 против седумкратниот првак на Франција.

Интересно е што само 27 фудбалери во историјата играле за двата клуба, а само 13 од нив директно минале од Лион во Сент Етјен, или обратно што покажува колкав е ривалитетот на двата клуба оддалечени само 50-на километри.

Лани во јануари непосредно пред пандемијата со Ковид-19 Лион го победи Сент Етјен со 5:0 на гости, на меч на кој имаше сериозни инциденти на трибините, а слични ситуации имаше и претходните години.

Мерката на француската полиција не е неочекувана, по неколку инциденти на стартот од новата сезона во Лига 1, кога навивачите се пресметуваа со гостински фудбалери, или влегуваа на терен.

Особено голем беше инцидентот на мечот меѓу Ница и Марсеј, кога домашните навивачи ги нападнаа гостинските играчи, па клубот беше казнет со одземање на бодови и настап пред празни трибини, а беше одлучено мечот да се преигра на неутрален терен.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести