Захави е во застрашувачка форма пред гостувањето во Скопје

Еран Захави, искусниот напаѓач на Гвангжу РФ, од денес е рекордер во кинеската Суперлига за најмногу постигнати погодоци во една сезона. Израелецот стигна до 29 гола во 25-тиот првенствен меч за Гвангжу, надминувајќи го рекордот на Елкесон (28 гола) од 2014 година.

Во денешниот триумф на неговиот тим од 4-1 против Пекинг рене, Захави еднаш се запиша во листата на стрелци, а има шанси да го зголеми учинокот на три кола до крајот на кинескиот шампионатот.

Овие не се добри вести за македонската селекција во пресрет на евроквалификациите овој месец бидејќи на 19 ноември Израел гостува во Скопје, во рамките од последното квалификациско коло. Токму од Захави ќе доаѓаат речиси сите закани кон голот на Рисовите, имајќи предвид дека е во страшна голгетерска форма.

Захави веќе може да се пофали со погодок против Македонија, го постигна во ремито од 1-1 кое се одигра во Бер Шива на 5 септември годинава.

 

- Оглас -

Најнови вести