Специјално од Сиде, Турција
Трајан Маневски
Нашиот најтрофеен клуб Вардар веќе десетина дена се наоѓа на подготовки во Сиде, Турција, каде што пеколно се работи за фудбалерите да бидат целосно подготвени за предизвикот што ги очекува во пролетниот дел.
За денеска е закажан дуелот против Мотор Лубин, но можно е да биде одложен поради лошото време. Во целиот регион на Анталија повеќе од 24 часа има пороен дожд, терените се потопени, а многу од контролните натпревари што требаше да се играат вчера и денеска, веќе се одложени. Доколку не се игра планираниот контролен дуел, Вардарци ќе имаат тренинг во тој пладневен термин.
Еден од капитените на Вардар, Горан Закариќ, вели дека подготовките се одвиваат според планираното. Темпото е пеколно, но тоа е и очекувано.
„Секако дека овој зимски период што се однесува до тој физичко-тактички дел е доста напорен. Знаеме дека овој период е таков и нема што тука премногу да се дискутира. Знаеме дека сето тоа е во насока на добра подготовка за она што следува, а тоа е пролетниот дел од полусезоната. Тој прв меч против Јаблонец, тоа прво полувреме не беше добро одиграно од наша страна, но мора да сфатиме дека ова е само подготвителен период, „нозете се тешки“ и дека сето тоа е сосема нормално. Не треба да се суди по тој еден меч, по тоа едно полувреме. Веќе по три дена го имавме вториот дуел, каде што сликата беше сосема поинаква. Имаме доста мечеви закажани тука и со текот на времето, физичкиот, но и тактичкиот дел од работата ќе дојдат до израз, верувајте!“, вели Закариќ.
Офанзивецот кој е еден од најискусните во Црвено-црниот табор знае дека сите противници во македонскиот шампионат ќе имаат посебен мотив да одиграат најдобро против екипата која е лидер во првенството.
„Наша задача е овде во Анталија да се подготвиме што подобро и на секаков начин. Свесни сме што нè очекува во пролетниот дел. Сите сакаат да го победат Вардар, тоа не е никаква новост. Подготвени сме за сетоа тоа. Мато доста ни значеше во есенскиот дел од сезоната, но и неговото заминување верувам дека нема да ни го наруши редот. Убеден сум во добра адекватна замена обезбедена од нашата управа, а и актуелните играчи секако дека имаат капацитет да направат разлика на терен“, завршува Закариќ со „рапортот“ од Сиде.