Замената за Пјонтек беше стрелец во дебито за Џенова

Џенова со цел плен се враќа од гостувањето кај Емполи по победата од 3-1. Избраниците на Чезаре Прандели остварија триумф по повеќе од еден месец во Серија А, додека македонскиот капитен Горан Пандев остана на клупата за резерви.

Гостите поведоа преку Куаме во 18-тата минута, додека три гола беа реализирани во вториот дел. Во 63-тата минута, Ди Лоренцо погоди за израмнување, но веќе во следните 10 минути Џенова постигна два брзи погодока. За нова предност прецизен беше Лазовиќ, додека Антонио Санабрија се запиша во листата на стрелците на своето деби за новиот тим, кој пристигна во Џенова како замена за Кжиштоф Пјонтек. На шпанскиот фудбалер му беа потребни четири минути за да ја отвори „сметката“ во Џенова, влезе во 69-тата минута, а голот го постигна во 73-тата минута.

Џенова со овој триумф се искачи две места на табелата, сега има 23 бода, додека за Емполи ова беше вкупно 12-ти пораз сезонава во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести