Започна ерата на Тен Хаг: Гладни сме за освојување трофеи

Манчестер Јунајтед денеска по пауза од шест години конечно успеа да освои трофеј и да го прекине постот.

Црвените ѓаволи во финалето на Карабао Купот, со 2:0 го совладаа Њукасл, што претставува одлична најава за враќање на старите патеки на успесите кога под водство на легендарниот менаџер, сер Алекс Фергусон, доминираа во Премиер лигата и освоија две титули во Лигата на шампионите.

Човекот кој по пауза од шест години и триумфот во Лигата на Европа, го донесе првиот трофеј во клупските витрини е Ерик тен Хаг, кој ги освои срцата на навивачите.

Холанѓанецот во првиот дел од сезоната имаше големи проблеми во соблекувалната поради Кристијано Роналдо со кого често влегубаше во конфликт, но со заминувањето на Португалецот, Црвените ѓаволи играат фантастично и имаат шанса сезоната да ја завршат со четири трофеи.

Јунајтед има само осум бода помалку од Арсенал кој е лидер на табелата во Премиер лигата, игра во осминафиналето во Лигата на Европа, а игра и во завршницата во ФА купот.

„Дадовме сè од себе за да победиме. Денеска го освоивме првиот трофеј и тоа ни влева сигурност, но сè уште сме на почетокот на враќањето на Манчестер јунајтед на патеките на старата слава. Само сакам да победувам. Гладни сме за трофеи“, изјави Тен Хаг.

„Ерата на Ерик тен Хаг , започна“, стои на официјалниот профил на Твитер на Црвените ѓаволи.

 

- Оглас -

Најнови вести