Клуж го елиминира Борац Бања Лука дури по 120 минути игра на стадионот во Бања Лука откако домаќините по 90 минути, имаа предност со 2:0. На првиот меч, романскиот првак победи со 3:1, па по поразот од 2:0, резултатот по 180 минути беше нерешен, 3:3.
Во ваков случај, точно 56 години во натпреварувањата на УЕФА важеше правилото за даден гол на гости, кое беше укинато од 1 јули оваа година. Доколку ова правило важеше и сега, Клуж ќе беше елиминиран затоа што Борац даде гол на гости, а Романците не погодија за 90 минути во Бања Лука.
За среќа на Романците, се играа дополнителни 30 минути во кои гостите погодија и намалија на 1:2, а тој погодок на крајот направи тие да се радуваат со вкупни 4:3 по двомечот и одиграни 210 минути. Тренерот на Клуж, Мариус Сумудица, беше многу лут кога му посочија дека неговиот тим имал среќа затоа што правилото на УЕФА е укинато.
„На првиот меч во Клуж требаше да биде 6:1 или 7:1 за нас, а во реваншот требаше да биде 6:0 или 7:0 за нас додека тие не го постигнаа првиот погодок. Морате да бидете реални. Не ме доведувајте во ситуација да ви дадам погрешен одговор. Почитувајте ме“, нервозно изјави Сумудица по мечот.