Жешка симултанка на Џими – Падна Лејкерс, Батлер не дозволува метла (видео)

Неверојатната партија на Џими Батлер го остави тимот на Мајами во живот во финалната серија против ЛА лејкерс. Фантастичната симултанка во која Батлер заврши со трипл-дабл од 40 поени, 11 скока и 13 асистенции и ги предводеше Жешките до триумф од 115:104 во третиот финален меч со кој серијата стана поинтересна.

Без клучните Горан Драгиќ и Бем Адебајо, кои го пропуштија и претходниот меч, се предвидуваше нова победа на Езерџиите, но Батлер играше и за нив и беше незапирлив за тимот од Ел-Еј.

Кошаркарите на Френк Вогел тргнаа катастрофално во мечот и уште во првата четвртина го надминаа бројот на грешки во нападот од минатиот меч во кој имаа вкупно 9, а ноќеска за 12 минути Лејкерс запиша 10 загубени поседи. Така Мајами уште на почетокот дојде до двоцифрена предност од +13, водство кое брзо беше анулирано за неизвесен тек на остатокот од средбата.

Откако Лејкерс поведе со 91:89 во решавачкиот период, следуваше шоу на Батлер од 10 поени, што за Мајами беше доволно да намали на 2-1 во серијата.

Покрај одличниот Џими, се разиграа Хиро и Олиник со по 17 поени, додека пак на другата страна најефикасен беше Џејмс со 25 поени, 10 скока и 8 асистенции, но имаше и 8 грешки. Дејвис заврши со скромни 15 поени.

- Оглас -

Најнови вести