На Зидан му се допаѓа новиот формат на Лигата на шампионите, а за Сетјен е лош

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, рече дека е добра одлуката на УЕФА за комплетирање на сезоната во Лигата на шампионите со турнир во Лисабон на кој ќе играат осум тима, наместо класични четвртфиналиња и полуфиналиња во два елиминациски меча дома и на гости.

Зидан смета дека тимовите кои ќе играат во августовските мечеви, нема да имаат проблем со адаптацијата. Што се однесува до Реал, тимот треба да гостува кај Манчестер сити во реваншот од осминафиналето, а уште не се знае дали мечот за пласман меѓу осумте најдобри ќе се игра во Манчестер или во Португалија.

„Каде и да се игра со Сити, ќе треба да се адаптираме и ќе се обидеме да победиме. Најважно е што повторно се игра фудбал. Оваа нова формула за одредување на првакот во Лигата на шампионите не ми изгледа лошо. Ми се допаѓа, во ред е да се одлучува на едно исто место“, изјави Зидан, кој во 2016, 2017 и 2018 година испиша историја со трите европски титули по ред.

Но, неговиот колега од ривалот Барселона, Кике Сетјен, не се согласува. Според Сетјен, многу подобро било ако четвртфиналето и полуфиналето се играло во два меча, а не само во еден.

„Мислам дека новиот систем е лош за сите, не само за Барса. Повеќе би сакал да се играа два меча, но околностите се такви, какви што се, и одлуката на УЕФА треба да се почитува. Се надевам дека против Наполи реваншот ќе го играме на нашиот стадион, бидејќи во спротивно, противникот ќе биде фаворизиран. Тие на првиот меч играа дома пред многу публика“ – вели Сетјен.

- Оглас -

Најнови вести