Во пресрет на утрешното големо дерби помеѓу Реал Мадрид и Барселона, двајцата тренери изјавија дека добро би било за шпанската лига ако Лионел Меси и Серхио Рамос останат во нивните сегашни клубови во кои имаат статус на икони. За Меси и Рамос, утрешното Ел Класико може да биде последно, ако тие летово заминат во други клубови, а имаат шанса да го сторат тоа, бидејќи на 30 јуни има завршуваат договорите.
И за Зинедин Зидан и за Роналд Куман, пораз во овој меч нема да значи збогување со титулата, но секако победата ќе му значи многу на победникот од психолошки аспект.
„Нека остане Меси во Барселона, добро му е таму. И за лигата е добро Меси да остане во Барса. Се надевам дека ова нема да биде последно Ел Класико и за нашиот Рамос, се надевам дека ќе остане“ – рече тренерот на Реал кој утре нема да смета на Рамос, Варан, Карвахал и Азар.
Добра вест за Куман е враќањето на Пике и Сержи Роберто.
„Овој меч нема да го одлучи шампионот, има уште многу да се игра, но победа би бил огромен поттик за понатаму. Не е проблем што ќе играме на малиот стадион, теренот сигурно ќе биде добро подготвен. Искуството е многу важно на вакви мечеви. Добро би било за лигата најдобрите играчи да бидат тука. Се надевам дека Рамос ќе остане во Реал, а и Меси кај нас.