Европска ракометна федерација (ЕХФ) ја потврди суспензијата на македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои нема да можат да судат во наредните две години.
Претходно ЕХФ на 10 јануари ја повлече нивната номинација за Европско првенство во ракомет, а потоа им беше изречена и суспензија.
Како причина се наведува наводна манипулација со видеоматеријали поврзани со Multistage Fitness Test, односно фитнес-тестот за судии.
Според официјалното образложение, врз основа на анализа на партнерот за интегритет SportRadar, било утврдено дека спорните видеа биле манипулирани, по што првостепениот суд донел одлука за санкции, кои сега се потврдени и од апелациското тело на ЕХФ.
Со одлуката, Николов и Начевски се суспендирани од сите активности во рамките на ЕХФ во траење од две години, сметано од првичната одлука, поради сериозно неспортско однесување.
Дополнително, двајцата се парично казнети со по 5.000 евра и имаат право на жалба пред Европскиот ракометен суд во рок од 21 ден.

