Ѕвезда е тимот со најмногу изведени пенали во Европа

Српскиот првак Црвена ѕвезда е клубот кој добил најмногу пенали во Европа во изминативе три години, потврди анализата на Меѓународниот центар за фудбалска студија (ЦИЕС). Црвено-белите од Белград во дадениот период на 102 одиграни меча извеле дури 44 пенали. Во корист на Ѕвезда се досудуваа пенали на секои 209 минути игра, а нејзините играчи имаат одлични 79,5 отсто реализација.

Интересно е што во Топ 10 клубовите кои добиваат пенали има уште два клуба од Србија. Раднички Ниш е на шестото место со 32 добиени пенали во 101 меч, додека Партизан е на 10-тото место со 31 изведен пенал во 102 натпревари.

Од поголемите европски клубови, Лацио е на деветото место со 31 пенал во 102 меча, португалските гиганти Спортинг и Бенфика имаат добиено по 28 пенали на 93 меча, а ПСЖ извел 29 пенали на 103 натпревари. Ајакс има изведено 25 пенали во 93 средби. Реал Мадрид и Манчестер јунајтед имаат добиено 25 пенали во изминативе три години, а Јувентус добил еден пенал помалку. Барселона во 103 средби добила само 18 пенали, а Баерн Минхен извел 17 пенали во овој период.

Кога се работи за првенствата во Европа, најмногу пенали има во полскиот шампионат, каде што има удар од белата точка на секои 230 минути игра, а потоа следуваат првенствата на Украина, Србија, Турција, Романија и италијанската Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести