Погоди кој ќе игра – НБА наградува

НБА квиз – Погоди кој кога ќе игра

Што ѝ се случува на НБА-лигата во последните сезони? Каде исчезна одбраната, што беше симбол на најсилната лига во некои минати времиња, а од неа излезе и легандарниот повик од трибините „Дифенс, дифенс…“?

Има ли сè уште играчи од калибарот на Еј-Си Грин, железниот човек што одигра неверојатни 1.192 меча без прекин во НБА-лигата?

Одам во обложувалница и имам подготвен тикет со играчи на НБА. „Стај ми го Ембид, плус Кавај, плус Вигинс плус и Роуз плус.“ За стотче добивката е околу илјадарка. Ќе се најде за трошок си велам, но ме јаде јанѕа. Маката не ми е дали ќе постигнат 25-30 поени, туку дали ќе погодам дека ќе играат ноќеска. Сите се опасни кошгетери, во топ-форма, но кога и дали ќе играат, тоа е дилемата.

Кавај Ленард одмара секој трет меч, а причината не им е јасна ниту на главните фаци во НБА. Ембид е карпа човек, еден од најдобрите центри во Лигата, но и тој игра „пипка-трепка“. Две ноќи гази, третата одмара. Вигинс не настапува двапати по ред од лични причини, а Роуз, можеби и најоправдано од сите четворица, кога игра, кога не игра бидејќи често е повреден.

Немало вакво нешто во ерата на Мајкл Џордан, па и пред него. Летечкиот веројатно не се повредуваше, па и не се памети кога отсуствувал од терените во НБА-лигата. За Еј-Си Грин веќе кажав, но го паметите ли брилијантното шоу на Ајзеа Томас против Лос Анџелес лејкерс пред три децении?

Бекот на Детроит го повреди глуждот при доскок, но одби да излезе од игра и на една нога постигна 25 поени во третата четвртина. Ајзеа дава, ние собрани дома НБА-фанатици стискаме заби секојпат кога ќе доскокне на повредената нога. Ризик јак, може и кариерата да си ја загрози. Сепак, нема шанси да го остави тимот на цедило. Пајак да дојде не го крева од паркет. Постигна 43 поени во шоу што еднаш се гледа во животот, како пример за пожртвуваност, за лојалност кон тимот, за борбеност, за челичен карактер.

Сега некако НБА стана премногу фенси, па важно е каква финта ќе се смисли за стартното најавување на тимовите. Одбрана веќе и не се игра, од трибините веќе никој не вика „Дифенс, дифенс..“, а Брадата од Хјустон може да си дозволи да шутира 41 пат на ист меч. И да игра кој кога сака, па дури и да добие неоправдани за постојани изостаноци.

Ама си велам НБА е, ме влече да одиграм тикет, па макар и да треба да гаѓам две дисциплини. И кој колку поени ќе даде и кој кога ќе игра. Дека ќе гледаме челична одбрана што ја играа лошите момци од Детроит пистонс со Бил Лембир, Денис Родман, Рик Махорн, Џо Думарс…, или барем нешто приближно, веќе нема надеж.

Нон-пејпер за Јаховиќ

Македонија има историска шанса за настап на големо натпреварување и до учеството на ЕП 2020 година треба да направиме два клучни чекори. Победа против Косово на домашен терен е сосема возможна мисија, а и триумф во нокаут-меч со Грузија и Белорусија во финале не е неостварлив фудбалски успех за Пандев и соиграчите.

Но, за да имаме цврста подлога за оптимизам, ни треба и да бидеме максимално сериозни. И да ги имаме сите можни адути во составот. Тука пред се мислам на Адис Јаховиќ, а тоа е желба и на грото од фудбалската и спортска јавност. Не може да се игнорира расен стрелец, кој е во топ-5 по бројот на голови секоја сезона во силното турско првенство. Особено не поради некаква кавга со селекторот.

Личните суети оставете ги на страна. Македонија е мала земја, со огромна шанса да игра на ЕП и Јаховиќ ни треба како леб. Игра во топ-форма, дава голови како од шега и не е само тоа. Погледнете како игра за Јени Малатија и веднаш ќе ви биде јасно за каков квалитет се работи. Напаѓач без мана и со него во составот ќе имаме голем адут плус.

Ако ви изгледа тешко, дури и невозможно, за пример нека ви послужи Еран Захави. Капитенот на израелската репрезентација го фрли дресот со национални симболи на земја изнервиран токму од поразот од Македонија во Хаифа. Фрлаа и дрвја и камења по него, но квалитетот победи. Захави се врати во селекцијата на Израел и сега е втор стрелец во квалификацискиот циклус.

Затоа што поскоро пуштете абер, или како што сега популарно се вика нон-пејпер, до Јаховиќ да се врати во селекцијата А на Македонија. Секако, и Адис не треба да си зема толку при срце бидејќи настап за својата земја на големо фудбалско натпреварување е врв на кариерата за секој играч. Нека се стопи мразот за доброто на Македонија. Шансата е уникатна, а настап на ЕП 2020 година воопшто не е невозможна мисија.

 

 

- Оглас -

Најнови вести