Како поради Јувентус снемува и делови од спорни ситуации дури и во време на ВАР-системот?

Поранешниот обвинител во Фудбалската федерација на Италија, Џузепе Пекораро, неодамна откри дека врз него имало голем притисок по мечот одигран пред две години меѓу Интер и Јувентус кој заврши со победа на гостите од 3:2. Пекораро откри дека не ги добил бараните фајлови поврзани за сомнителната ситуација, кога црвен картон требаше да добие играчот на Јувентус, Миралем Пјаниќ. Дури по неколку месеци биле предадени бараните документи, но и тие биле некомплетни.

Главниот судија на тоа дерби меѓу Интер и Јувентус, Даниеле Орсато, беше жестоко критикуван поради тоа што не му покажа црвен картон на Пјаниќ по стартот над Рафиња, иако од ВАР-собата тоа му било сигнализирано. По мечот не биле доставени документите за сомнителната ситуација, а Пекораро открива како се одвивала целата ситуација.

„Баравме аудио и видеозапис од разговорите помеѓу главниот судија и арбитрите во ВАР-собата. Бараниот материјал го добивме дури по неколку месеци, односно кога започна новата сезона. Дури и тогаш документацијата не беше комплетна затоа што го нема токму моментот кога разговараат Орсато и судиите во ВАР-собата за тоа дали Пјаниќ треба да остане во игра. Не знам зошто не го добив тој дел, едноставно ми рекоа дека го немаат тој дел од снимката“, открива Пекораро.

Јувентус со 3:2 го победи Интер и тоа беше можеби и клучен триумф за Старата дама повторно да ја освои титулата во Серија А.

Поранешниот судија Клаудио Гавилуци, кој тогаш бил дел од луѓето во ВАР-собата, вели дека е нормално што постои сомнеж за тој момент.

„Добро е што во ВАР-собата има камери кои ги снимаат сите детали од почетокот на мечот. Не знам дали одредени фајлови се исечени или ги снемало, но ако Пекораро барал да му бидат доставени, а не ги добил неколку месеци, тогаш секако дека постои сомнеж“, вели Гавилуци.

 

 

- Оглас -

Најнови вести