Ал Хилал со пресврт го освоија трофејот во Купот, сега се закануваат на Роналдо и Ал Наср во првенството

Екипата на Ал Хилал по 10-ти пат во клупската историја се радува на трофејот во Купот на Саудиска Арабија. Во големото финале, Ал Хилал со пресврт славеше со 2:1 над Ал Холуд.

Ал Хилал беше голем фаворит за победа, но мечот не започна како што посакуваше. По само четири минути игра, Ал Холуд со голот на аргентинскиот напаѓач Рамиро Енрике поведе со 1:0.

Во финишот на првото полувреме, работите дојдоа под контрола на Ал Хилал. Најпрво Ал Давсари погоди во 42 минута за 1:1, а потоа, во 45+2 минута Карим Бензема асистираше за погодокот на Тео Ернандес и комплетирање на пресвртот. За Бензема ова е прв трофеј во новиот клуб во кој пристигна во зимскиот преоден рок.

Сега Ал Хилал ќе се фокусира на првенството, каде е во трка за трофејот. Сепак, Ал Хилал е во подредена ситуација во однос на Ал Наср предводен од Кристијано Роналдо. Моментално Ал Наср е лидер со 82 бодови од 32 меча, додека Ал Хилал е втор со 77 бодови и одиграно еден меч помалку. Во следното коло, на 12 мај, Ал Наср пред своите навивачи го пречекува Ал Хилал во дуел кој директно може да го реши прашањето за новиот шампион во Саудиска Арабија.

На тимот предводен од Кристијано Роналдо доволно ќе му биде да не загуби пред своите навивачи, за да ја задржи челната позиција во пресрет на последното 34 коло. Роналдо ја игра третата сезона во Ал Наср и уште нема освоено ниту еден трофеј.

- Оглас -

Најнови вести