Играше со Гвардиола и на места што се рај на Земјината топка, сега ќе помага со хуманитарен тикет од 110.000 денари

Александар Бајевски е интересна приказна на македонскиот фудбал, со неверојатно возбудлива кариера, сега во улога и на фудбалски менаџер и застапник на дузина играчи со својата агенција „AB 9 Sport Management & Consulting“. Под негова капа се репрезентативците Кире Ристевски, Давид Бабунски и уште многу фудбалери за кои се грижи со успешни трансфери.

Вардар му е матичен клуб и прва и најголема љубов во богатата кариера, што ја почна на многу интересен начин.

„На 8 години ме одбија бидејќи бев многу мал за да почнам да тренирам. Мал си, ми рекоа, може да дојдеш идната година. Но, бев упорен и за пет дена повторно дојдов со вујко ми. Искрено морав малку и да излажам дека имам повеќе години. За среќа, некако минав незабележано и почнав да тренирам со генерација момчиња што беа најмалку за две години повозрасни од мене.

На шест години го имав и првиот дрес со црвено-црни бои со бројот 10, импровизиран и шиен, но за мене тоа беше најубавиот дрес на светот. Ми се исполни сонот кога на 16,5 години дебитирав за сениорскиот тим на Вардар со победа против Рудар Пробиштип од 7:0.

Претходно играв само еден меч за младинскиот тим и победивме во куп-финалето против Беласица, исто така со 7:0. Фактички од кадети на Вардар, директно само со еден меч за младинците минав во сениорскиот тим“, ја почна приказната нашиот гостин во хуманитарната акција што ја организираат Спорт Манија и Sport Life.

Имаше и убави моменти минати во нашиот најтрофеен клуб, но и непријатни спомени, што на интересен начин и во најубедливиот пораз во историјата на Вардар го претворија во херој на навивачката армија.

„Да, играв против Милано на меч што го загубивме со 9:1 во моментни во голема криза на клубот. Јас како единствен стандарден првотимец и уште 10 голобради момчиња. Се собиравме од дома. Бевме само 12-мина фудбалери што играа во Куманово на тој дуел.

Не смеевме да не излеземе на терен бидејќи претходно веќе загубивме еден меч со службен резултат и тоа ќе значеше автоматска преселба во понизок ранг. Ме боли тој пораз, но на некој начин го спасивме Вардар. Повторно би го сторил истото бидејќи Вардар е мојата најголема фудбалска љубов“, раскажува популарниот Бајо.

МИЛИОН НАВИВАЧИ НА ПРОТЕСТ, НА СИТЕ ИДОЛ ИМ БЕШЕ НАЈДОБРИОТ СТРАНЕЦ, СТРЕЛЕЦ И ИГРАЧ ОД МАКЕДОНИЈА

Во 2002 година ја почна интернационалната кариера во ОФК Београд, а потоа играше за три унгарски клубови, Ѓер ЕТО, Балатон и Ференцварош.

„Ѓер беше супер организиран клуб во тоа време, а во Балатон ја имав една од моите најинтересни фудбалски приказни. На две кола до крајот на шампионатот, бевме на прагот на титулата, што ќе беше сензационален расплет во Унгарија, но на несреќен начин загубивме со 3:2 дома од Ференцварош. Примивме два гола во последните две минути, потоа во последниот напад погодивме статива за реми, што ни одговараше, но не успеавме да го завршиме подвигот што го најавивме со одлични игри во текот на првенството во 2004 година“.

Потоа се пресели во најголемиот унгарски клуб Ференцварош, а се редеа признанија за Бајо, еден од идолите на навивачите на легендарниот Фради.

„Заминав во Ференцварош, гигант во светски рамки, сигурно најголемиот клуб во којшто сум играл. Бев прогласен за најдобар странец во унгарското првенство, бев најдобар стрелец и прворангиран во Топ-3 во изборот на навивачите.

Дербито со Ујпешт Дожа е посебна приказна и не за џабе велат дека тоа е најголемото дерби во Источна Европа. Постои невиден ривалитет кога играат Ференцварош и Ујпешт. Мечевите траат и по три часа, во фантастичен амбиент. За мене неповторливо искуство и најголемо дерби што сум го играл во кариерата.

Се сеќавам, игравме на гости кај Ујпешт и десет минути изведувавме корнер. Полицијата едвај ги смири нивните и нашите навивачи да не дојде до војна на трибините. Огромно ривалство што прави севкупен фудбалски спектакл. Трибините се преполни на секое дерби неколку часа пред почетокот, а приказната трае безмалку цел ден“, е дел од унгарската епизода на Бајевски.

Си замина од Ференцварош со слика што, како што кажува, ќе ја памети цел живот, а е страсна приказна за фудбалска љубов и безгранична лојалност на навивачите кон клубот.

„За жал, Ференцварош беше на административен начин преселен во Втората лига поради долгови, а јас морав да си заминам. Навивачите организираа протест, а според унгарските медиуми, имаше над еден милион луѓе пред Владата на Унгарија. Слика што не се заборава и што потврдува каков гигант е Фради и во светски рамки“, објаснува нашиот гостин.

НАВИВА ЗА БАРСА, ВО КАТАР ГО ДОЧЕКА ЕДНА ОД ЛЕГЕНДИТЕ НА КАТАЛОНЦИТЕ

Полска и Горњик Лечна е следната дестинација, а таа потоа е една од најинтересните. Бајо се пресели во Катар, во Ал-Ахли од Доха, најстариот фудбалски клуб во таа земја. И го дочека легендарниот Пеп Гвардиола.

„Беше повреден и при крај на кариерата, но се запознавме, иако не стигнавме да одиграме официјален меч заедно. Долго бевме и во контакт, а последен пат се видовме во Атина на мечот меѓу Олимпијакос и Баерн Минхен. Пеп беше тренер на Баварците, ме позна и ме покани да поразговараме по мечот, но во целиот хаос и поради строгите правила во Лигата на шампионите, не успеавме да се видиме. Тој е една од причините што навивам за Барселона. Да заврши ковид-кризата, секако ќе го посетам ‘Камп ноу’ и ќе гледам меч во живо што ќе го игра Барселона. Сум бил најмалку петпати на натпревари на Реал Мадрид и ниту еднаш на меч на Барселона“, продолжи со својата фудбалска приказна Бајевски.

Патот го одведе на нова возбудлива дестинација, во Словачка, но во редовите на „унгарскиот“ клуб Дунајска Стреда. Првпат во интернационалната кариера беше и капитен на странски тим.

„И буквално ги викаат така, Унгарците од Дунајска. Тоа е тим на унгарското малцинство во Словачка со убедливо најмногу навивачи во земјата и со над стогодишна клупска традиција. Дуелите со Слован и со Спартак Трнава се фудбалски војни. Не се сакаат претежно од политички причини, а тие мечеви треба да се доживеат. Воопшто не очекував таков набој, огромен ривалитет и фудбалски спектакли кога заминував во Словачка“, е словачката секвенца на Бајо.

Не ја заборава ниту убавата епизода во Мехелен, клуб кој е во Топ-5 во белгиската клупска фудбалска историја.

ЕГЗОТИКА ВО ИНДОНЕЗИЈА СО ФУДБАЛСКИ МЕЧЕВИ ВО РАЈОТ НА БАЛИ, БОРНЕО И ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА

Во финишот на кариерата доживеа да игра во егзотична земја, во Индонезија, и има настапи на места што се рај на Земјината топка.

„Пелита Џаја за мене е слатката приказна при крајот на мојата кариера. Живеев во Џакарта во луксузен кварт. Имав дури и личен шофер, а сопственикот на клубот е меѓу петте најбогати луѓе во земјата. Во минатото за Пелита Џаја играа легендарниот Марио Кемпес, познатиот Роже Мила, а тренер бил Луис Фелипе Сколари.

Ме дочекаа како фудбалска ѕвезда и ова е најслаткиот дел од мојата фудбалска кариера. Дружба со светскиот џет-сет, двапати бевме на подготовки на Бали, игравме и еден меч таму, потоа и на Борнео и во Папуа Нова Гвинеја.

Тоа се рајски места на Земјината топка и како за крај на кариерата, вистински уживав во престојот во Индонезија“, вели Бајевски.

Има 8 настапи за македонската фудбалска репрезентација, вели дека можеше повеќе, а сега со нетрпение чека да почне ЕП, за првпат со Македонија како учесник.

„Секоја чест за момците, за успесите што ги направија. Пласман на Европско првенство е голем подвиг, што го потврдија со блескава победа против Германија. Сега им посакувам само да уживаат на теренот. Очекувам добри натпревари и зошто да не и да минеме група.

Имаме квалитетна репрезентација, спој на младост и искуство, со играчи што настапуваат во силни лиги. Хомогеноста и тимскиот дух се јасно видливи и се огромен квалитет на оваа генерација, па ниту успехот против Германија за нив не беше недостижен и е апсолутно заслужен. Ќе ни го крене моралот и очекувам да уживаме во одлични натпревари на Пандев, Елмас, Барди и сите останати наши репрезентативци на Европското првенство“, ја заврши својата приказна Александар Бајевски.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести