Хуманитарен тикет со германски шарм – Високо леташе со Орлите од Франкфурт и памети фудбалски битки со легендите Робен, Рибери, Клозе, Џеко, Елбер…

Александар Васоски е специјален гостин и експерт на Спорт Манија за Бундеслигата, неговите прогнози можете да ги читате секој викенд на нашиот портал, а сега е во малку поинаква мисија, хумана со тикет што може да им помогне на социјално загрозените категории на луѓе во Македонија.

ФУДБАЛ НОН-СТОП, ПОГОНОТ НА УЛИЦА НЕ СЕ ЗАТВОРА 24/7

Васоски бил предодреден да игра фудбал бидејќи потекнува од спортско семејство, а и татко му е поранешен фудбалер, па логичен е неговиот избор како 9-годишно дете.

„Татко ми имаше големо влијание бидејќи и тој играше фудбал, но и ситуацијата што порано беше стандард, да се игра маалски фудбал нон-стоп, 24/7, си имаше свое влијание. Цело друштво бевме спортисти, постојано игравме фудбал, а тогаш и Железара беше фудбалска населба, па одлучивме како пионери комплетно сите другари да се запишеме во Металург“, ја започна својата приказна Васоски.

Почна во Металург, а потоа играше и за Скопје, Цементарница и Вардар.

„Прв тренер ми беше Томе Андоновски, еден прекрасен човек што ни помогна да се развиваме и како фудбалери, но и како карактери и деца што се вљубени во најпопуларната игра на светот.

На 16 години дебитирав за ФК Скопје, а потоа играв и за Цементарница и за Вардар. Секаде стекнав пријатели и сите клубови во Македонија каде што сум играл и сум бил тренер ми се при срце, но трансферот во Вардар ми беше остварување на детскиот сон. Татко ми како дете ме носеше на натпреварите на Вардар, мојот омилен клуб чиј навивач сум од дете“, открива Александар.

ЗА ВАРДАР ОДБИ ДВА КЛУБА ОД ГОЛЕМАТА ЈУГОСЛОВЕНСКА ЧЕТВОРКА

Пред трансферот од Цементарница во Вардар, за Васоски имаше две исклучително добри понуди од два клуба коишто беа дел од големата четворка во поранешна Југославија.

„Имав понуди да заминам во Партизан и Динамо Загреб, но воопшто не размислував и со огромна радост се преселив од Цементарница во Вардар. Имам три титули како играч и една како тренер со најтрофејниот македонски клуб и многу убави моменти што ги минав во Вардар“, раскажува Васоски.

На почетокот на 2005 година му се случи германската приказна, а патот го одведе во Ајнтрахт Франкфурт, тогаш член на Втората лига, односно популарната Цвајта.

„Ми се погоди да пристигнам во клубот во зимскиот преоден рок, кога бевме десетти на табелата и само за 4-5 месеци да се пробиеме до место што водеше во Бундеслигата. Ја имавме најдобрата одбрана во Цвајта, јас се вклопив неверојатно добро во клубот и сè беше како бајка. Многу ми помогна што Ока Николов тогаш беше член на Ајнтрахт. Кога имате сонародник во тимот, многу е полесно, а Ока беше секогаш тука за мене. И ден-денес се слушаме и останавме големи пријатели“, вели поранешниот играч на Ајнтрахт.

БУНДЕСЛИГА СО СТРАШНИ НАПАЃАЧИ, ГИ ЧУВАШЕ КЛОЗЕ, ЕЛБЕР, КУРАЊИ, ТОНИ, ПИЗАРО…

Александар уште во сезоната 2005/06 дебитираше во Бундеслигата, и тогаш како и сега првенство со клубови гиганти и страшни офанзивци.

Во кариерата играше против Робен, Рибери, Клозе, Елбер, Курањи, Тони, Пизаро, Џеко… и уште десетици врвни напаѓачи, а популарниот Тетовче стана и миленик на навивачите на Ајнтрахт.

„Ретко отсуствував од терен и ги одиграв речиси сите натпревари до моментот кога си заминав од клубот. Во Германија навивачите особено ценат кога давате сè од себе и кога се борите за успехот на клубот до последен здив. И ден-денес кога ќе дојдам во Франкфурт за да го гледам Ајнтрахт, навивачите ми ја пеат песната што ми ја посветија додека бев играч. Горд сум што одиграв стотина натпревари во Топ-5 лига во Европа и во сите сезони, освен на почетокот, игравме во Бундеслигата. Имаше страшни напаѓачи, како што ги има и сега во германското првенство, а дуелите со Мирослав Клозе ми беа најтешки. Одличен шпиц, кој е многу незгоден за чување, но не се предавав“, додава Васоски.

ЗА МАЛКУ МУ ПОБЕГНА ТИТУЛАТА ВО ДФБ ПОКАЛ, КАН БЕШЕ НЕСОВЛАДЛИВ

Во втората сезона му се случи и најголемиот успех со Ајнтрахт, финалето во германскиот куп против Баерн пред 75 илјади гледачи на „Олимпискиот стадион“ во Берлин. Оливер Кан бранеше извонредно за фаворитот, а Ајнтрахт и покрај одлично одиграното финале, загуби со 0:1.

„Штета што не победивме, а бевме рамноправни, па и подобри од гигантот на германскиот фудбал. Кан бранеше магично и го спаси Баерн. Сепак, и покрај поразот, овој меч ми е како убав спомен во делот од кариерата како играч на Ајнтрахт.

На трибините имаше меѓу 25 и 30 илјади наши навивачи. Глетка што ви предизвикува  восхит и ве мотивира да дадете и повеќе од максимумот. Тоа финале и голот што го постигнав против Алеманија Ахен ни донесе опстанок во Бундеслигата и ми се меѓу најпријатните спомени од Бундеслигата“, раскажува поранешниот играч на популарните Орли од Франкфурт.

СО АЛЕКСАНДАР ГРЦИТЕ УЖИВАА ВО МАКЕДОНСКИ РЕСТОРАН И ПЕСНА ВО ФРАНКФУРТ

Интересно е што во периодот кога Васоски играше за Ајнтрахт, членови на клубот беа и неколку грчки репрезентативци, меѓу кои се Аманатидис, Манциос, Либеропулос, Кирјакос…

И токму Сотириос Кирјакос му беше цимер на Васоски долг период на гостувањата во Бундеслигата и на подготовките, а кога политиката не е тема на разговор, без проблем може да се оди и во наш ресторан.

„Да, со грчките репрезентативци често одевме во македонски ресторан во Франкфурт. Уживаа во вкусните јадења и амбиентот, а политиката не беше тема на разговор. Ние Балканците немаме проблеми кога не се меша политиката“, вели сегашниот шеф на стручниот штаб на Академија Пандев и еден од нашите најдобри и најперспективни тренери.

Секако, неизбежна тема е и сегашниот клуб каде што е тренер, а сопственик е македонската фудбалска икона Горан Пандев.

„Тоа што Пандев го прави и за Струмица и целокупно за македонскиот фудбал е за респект. Без разлика што сега јас сум тренер на екипата, тоа го мислев и кога бевме ривали. Академија Пандев ги има сите услови во модерен капацитет за голем напредок на клубот. Целта е да создаваме млади играчи, кои ќе бидат врвни фудбалери. Да има повеќе како Пандев, и клупскиот фудбал во Македонија ќе биде многу подобар“, ја заврши приказната Васоски за многу интересната и богата играчка кариера, која сега успешно ја продолжува и како тренер.

 

 

- Оглас -

Најнови вести