Фулам нема избор, мора да ги скроти „волците“

Ѓорѓи Христов вчера со својот дел од приказната со искуството од Барнсли го најави Боксинг деј на страниците на Спорт Манија, а денеска е пред предизвик да се обиде да погоди петка на празничниот ден во Англија.

За нашиот поранешен репрезентативец бериќетен беше првиот меч што го одигра на Боксинг деј во 1997 година, кога беше стрелец за Барнсли против Болтон. Сега ќе се обиде да си ја проба среќата со пет предлог-типови од денешното коло во Премиер лигата.

 

Фулам – Вулверхемптон (13.30 часот)

Најтешко е кога имате императив да победите, но сега Фулам едноставно мора да игра за три бода. Потрошија многу пари во летниот преоден рок, се случи и смена на тренерот, но резултати нема.

Клаудио Раниери тргна со победа, но потоа следуваа пет меча без триумф и време е на Боксинг деј таа негативна серија да се прекине. Вулверхемптон игра солидно и на некој начин е фаворит, но очекувам Фулам да победи во тврд меч со малку голови.

Предлог тип: 1Х&0-2 (2.62)

 

Ливерпул – Њукасл (16 часот)

Во некои добри времиња ова беше големо дерби во англискиот фудбал, но сега Ливерпул е апсолутен фаворит за победа. Играат одлично, во налет се и ќе сакаат да ја искористат атмосферата што владее во клубот.

На гости ќе им дојде Рафаел Бенитес, сега тренер на Њукасл и веројатно еден од најомилените менаџери на Ливерпул. Тој е првиот Шпанец што бил на клупата на англиски клуб, му донесе многу радост на Ливерпул и верувам дека во анкета кај навивачите на лидерот би бил еден од најомилените тренери во историјата на клубот. Со него Ливерпул ја освои Лигата на шампионите, што е успех кој не се заборава.

Бенитес е омилен и кај навивачите на Њукасл, покажа лојалност кон клубот кога испадна од Премиер лигата, но денеска тешко ќе најде рецепт за разиграниот Ливерпул. Очекувам сигурна победа на домаќините во меч со најмалку 3 погодоци.

Предлог тип: 1&3+ (1.48)

 

Манчестер јунајтед – Хадерсфилд (16 часот)

По долг период се случува нешто позитивно и кај најтрофејниот англиски клуб. Трае Солскјерманијата и верувам дека на камбекот на „Олд Трафорд“, новиот тренер на Манчестер јунајтед повторно ќе се радува на победа. Навивачите го сакаат, играше повеќе од една деценија за клубот и тоа се вредности што секаде се ценат, особено во Англија.

Хадерсфилд игра цврст фудбал, но ми се чини дека на „Олд Трафорд“ доаѓа во лошо време. Солскјер има малку и среќа со распоредот, па по Кардиф, очекувам нов триумф на Манчестер јунајтед за одличен старт на Норвежанецот на клупата на „црвените ѓаволи“.

Предлог тип: 1&T1 (1.42)  

 

Лестер – Манчестер сити (16 часот)

Шампионот нема право на нов кикс бидејќи Ливерпул е опасен конкурент за титулата и има солидна предност од 4 бода. Во Англија важи непишаното правило на Сер Алекс Фергусон дека можете да губите бодови до Боксинг деј, потоа за титулата мора да се победува и да се избегнуваат киксови.

Манчестер сити има подобра екипа и е фаворит со Лестер, но „лисиците“ покажаа дека знаат да играат фудбал и го победија Челзи во минатото коло. Иако гостите се поблиску до победата, овде ќе типувам на голови.

Предлог тип: 3+ (1.61)

 

Ватфорд – Челзи (20.30 часот)

Дербито на Лондон, според мене, ќе донесе фудбал со малку голови, а најблиску е мечот да заврши нерешено. Челзи претрпе неочекуван пораз од Лестер, а Ватфорд е во добра форма. Домаќините имаат две победи, веќе собраа 27 бодови и се во позиција да им одговара и реми против фаворитот.

Челзи има два порази на последните два меча, малку паднаа во формата и ќе имаат незгодно патување во соседството, во предградието на Лондон.

Предлог тип: Х2&0-2 (2.50)

 

- Оглас -

Најнови вести