Атрактивен женски турнир во одбојка на песок на кејот на Вардар

Атрактивен турнир во одбојка на песок за жени почнува од утре (8 јули) и ќе трае до недела (10 јули) на теренот на кејот на реката Вардар, во близина на хотел „Хилтон“ во Аеродром. Турнирот е во организација на ЖОК Вардар, а под покровителство на општина Аеродром, додека меѓу спонзорите е и спортската обложувалница Sport Life, која е докажан поддржувач на многу спортски настани.

„Од утре започнуваме една нова убава спортска приказна, а тоа е женскиот одбојкарски турнир во одбојка на песок. Ова е прв ваков турнир кој се надеваме дека во текот на годините ќе стане традиционален и многу помасовен. На дебитантскиот настап ќе учествуваат осум екипи, и тоа најдобрите од македонската одбојкарска сцена и гости од Србија и Црна Гора“, вели Деан Стојанов, кој е претседател на женскиот одбојкарски клуб Вардар и главен организатор на овој турнир заедно со Димитар Ѓатовски и Горан Славков.

Четири екипи ќе бидат од Македонија и по две екипи ќе има од Србија и од Црна Гора. Ќе има две групи со по четири екипи, а најдобрите две од секоја група ќе се пласираат во полуфиналето. Наградниот фонд на турнирот изнесува 1.600 евра, од кои за победникот се загарантирани 800 евра, второпласираните ќе добијат 500 евра, а за третото место наградата е 300 евра.

„Ова ќе биде една убава спортска манифестација на која ќе бидат демонстрирани убавините на одбојкарската игра. Се надеваме дека во следните години турнирот ќе добие на масовност, да имаме повеќе учесници и да влезе во челинџер турнирите“, додава Стојанов.

Во петок и сабота ќе се играат мечевите од групната фаза, додека за в недела се закажани полуфиналните дуели и финалето, по кое ќе биде познат освојувачот на првиот ваков турнир.

Според планираното, мечевите ќе се играат во период од 10 до 12 часот, а потоа попладневните возбудувања ќе продолжат од 16 часот, па секој кој сака да гледа атрактивна одбојка на песок е добродојден на трибината на игралиштето на кејот на Вардар.

- Оглас -

Најнови вести