Вардар 1961 вечерва во СЦ „Јане Сандански“ од 20:45 часот го пречекува Монпелје во реванш-мечот од четвртфиналето во Европската лига. Црвено-црните ќе имаат речиси невозможна мисија, барем кога се работи за пласман во полуфиналето од второто по ранг клупско натпреварување на ЕХФ.
Тренерот Иван Чупиќ и неговите момци треба да анулираат 10 гола разлика од првата средба за да се најдат на завршницата во ова натпреварување затоа што Вардар на гостувањето во Франција загуби со 33:23.
Од времето кога беше ракометар на Вардар, Чупиќ памети неверојатни сценарија во дресот на Вардар и затоа верува дека ништо не е невозможно. Тој побара од неговите ракометари да веруваат, да сонуваат дека може да се случи чудо.

Еден од оние кои треба да бидат лидери на теренот кај Вардар, секако, е докажаниот воин, пикерот Милан Лазаревски.
„Имаме многу важен меч. За жал, не очекувавме така да заврши натпреварот во Франција. Наше е да дадеме максимум и со огромна поддршка од нашите навивачи да се покажеме во многу подобро издание“, рече Лазаревски во пресрет на денешниот реванш.
Вардар и Монпелје досега меѓу себе играле 12 пати, а македонскиот тим е поуспешен со седум победи, еден дуел завршил нерешено, а францускиот тим победил четирипати.

