Новак Ѓоковиќ со свирежи беше испратен од теренот во Њујорк откако го предаде мечот против Стен Вавринка, во осмонафиналето на Отвореното првенство на САД. Србинот губеше со 0:2 во сетови и 1:2 во третиот сет, кога реши дека не може да продолжи поради болки во рамото.
Бранителот на трофејот уште во второто коло покажа дека има проблеми со повреда на рамото, но тогаш по медицинската помош, реши да продолжи и победи. Сега немаше сила повреден да се спротистави на Швајцарецот.
„Последните неколку гема чувствував болки и размислував дали да го предадам мечот. Сакав да го направам тоа уште кога го загубив вториот сет, но сепак решив да продолжам и во третиот сет. Сепак, болките беа многу силни и морав да се откажам. Веќе неколку месеци имам проблем со рамото. Добро е што се работи за рамото на левата рака, па се надевам дека многу побрзо ќе се вратам на терен. Сепак, во следните недели ќе морам да мирувам. Ќе одам на терапија, а следните 15-20 дена ќе покажат колку ќе треба да мирувам“, рече Ѓоковиќ.
Вавринка, кој профитираше од повредата на Ѓоковиќ, во четврт-финалето ќе игра против Дани Медведев.