Околу еден месец фудбалските фанатици низ целава планета со нетрпение го очекуваат враќањето на Лео Меси на терените. Иако беше најавено дека по репрезентативната пауза Меси ќе биде подготвен за настап, од Шпанија стигнаа информации дека Аргентинецот отпадна од комбинација за настап во претстојното дерби против Валенсија.
Дуелот на „Камп ноу“, кој ќе се игра во рамките на четвртото коло во Ла Лига, е закажан за вечерниот термин во сабота, а тренерот Валверде не ќе може да смета на своите двајца фудбалери во тимот. Покрај тоа што Меси нема да биде подготвен за овој меч, се очекува и Суарес повторно од трибини да го проследи настапот на својот тим.
Меси се повреди непосредно откако му заврши летниот одмор, па иако се тврдеше дека не станува збор за посериозна повреда, очигледно е дека зглобот му прави поголеми проблеми од што се очекуваше, па затоа во изминативе неколку дена главно тренираше сам.
Отсуството на Меси за мечот против Валенсија сепак може да биде добар знак. Капитенот на Каталонците ќе има повеќе простор да се подготви за првото коло во Лигата на шампионите, односно за гостувањето во Дортмунд против Милионерите, кое е на програмата за идната среда.