Реал Мадрид разочарувачки ја заполна новата сезона во Лигата на шампионите. Кралевите беа немоќни на гостувањето кај Пари Сен Жермен и на крајот загубија со 3:0. Во текот на сите 90 минути, Реал не упати ниту еден прецизен удар во рамките на голот на домаќините, нешто што им се нема случено цели 15 години во ЛШ.
„ПСЖ нѐ надигра во сите елементи – посед на топка, удари и сите останати показатели. Најмногу ме загрижува тоа што играме без никаква динамика. Не можеш да влезеш без никаква агресивност на вакви дуели. Не ме загрижува тоа што примивме три гола, бидејќи игравме против силен ривал и тоа може секому да му се случи. Поопасно е тоа што не одигравме како што треба. ПСЖ покажа како треба да се игра. Тие беа без трите најголеми ѕвезди во тимот и повторно покажаа дека знаат да играат како што треба на ова ниво од натпреварување“, вели Зидан.
Ако се погледнат последните 12 меча на Реал Мадрид, односно дуелите од подготвителниот период и овие средби од новата сезона, Кралевите вкупно имаат примено 25 погодоци, што е просек повеќе од два гола на средба. Тоа доволно кажува колку е лоша одбраната на тим кој атакува на трофеите во сите натпреварувања.