Работнички и Гостивар одиграа неверојатно интересен и неизвесен меч од првата кошаркарска лига, а победата им припадна скопјани со 91-90, благодарение на кошот на Данило Мијатовиќ во последната секунда. Претходно, на три секунди до крајот, Доналдсон погоди за водство на гостиварци.
Работнички беше во шок, но беше повикан тајм-аут на кој беше договорено да се оди преку крилниот центар. Засилувањето кое дојде од Охрид, погоди, и му донесе прва голема победа во тренерската кариера на Димитар Мираковски.
Гостивар на пет минути до крајот водеше со девет поени разлика, водеше со 90-89 на три секунди до крај, но ништо од тоа не е важно, кога на крај мечот е загубен, и му дозволија на Мијатовиќ да поентира веднаш пред последниот звук на сирената.
Сите стартери на Работнички постигнаа 13 или повеќе поени, Лесколт уфрли 25 поени, а имаше и по осум скока и асистенции. Деби со 4 поени и девет скока имаше центарот Љубомир Младеновски кој дојде како слободен, откако во минатата сезона беше играч на МЗТ Скопје. Донован Доналдсон со 21 поен, 10 скока и осум асистенции, беше најрасположен кај гостиварци, но Мијатовиќ не му дозволи да биде херој на Гостивар.