Академија Пандев лесно го доби дербито на 11. коло против Македонија Ѓорче Петров, славеше убедливо со 4:0 и остана на врвот на табелата со 24 бода, колку што има и Вардар, но со послаба гол-разлика.
Македонска класика се случи во празничното 11. коло и сите екипи што беа домаќини победија.
Вардар со головите на Аврамовски и на Адем го победи новиот прволигаш Борец, а со идентичен резултат Шкупи славеше против Работнички во скопското дерби. Бецко Исени и Сержињо беа стрелци на головите.
Шкендија ја прекина серијата од три меча без триумф и со 3:0 го победи Силекс. Деби гол за тетовци постигна Фелипе и тоа прекрасен од слободен удар. Мици зголеми на 2:0, а Благоевиќ со автогол го постави конечниот резултат.
Многу значајна победа забележа и Струга Трим Лум, против Ренова. Христијан Драгарски погоди во второто полувреме за новиот прволигаш, што им донесе вредни бодови на стружани.
Резултати, 11. коло: Академија Пандев – Македонија Ѓ.П. 4:0, Вардар – Борец 2:0, Шкендија – Силекс 3:0, Шкупи – Работнички 2:0, Струга Трим Лум – Ренова 1:0.
Табела: Академија Пандев и Вардар по 24, Шкупи и Македонија Ѓ.П по 16, Шкендија и Струга по 14, Ренова 13, Силекс 12, Борец 11 и Работнички 10 бода.