Баерн Минхен вчера му врачи отказ на тренерот Нико Ковач по 18 месеци соработка. Хрватот ја плати цената за дебаклот од Ајнтрахт Франкфурт изминатиов викенд, а по неколку итни состаноци управата одлучи да побара нов тренер.
По разделбата со Баварците, Ковач се заблагодари на дадената шанса да води еден од најголемите европски клубови и смета дека раководството донесе добра одлука што го отпушти.
„Одлуката е исправна ако се земат предвид резултатите и начинот на којшто игравме во изминатиов период. Јас и мојот брат Роберт сакаме да се заблагодариме што Баерн ни пружи голема шанса да работиме во еден од најголемите клубови во светот. За 18 месеци остваривме доста успех, ја освоивме лигата и по еднаш Купот и Суперкупот. Беше убаво додека траеше, а на екипата ѝ посакувам сè најдобро во иднина“, истакна Ковач.
Поразот од 5-1 кај Ајнтрахт беше втор негативен резултат за Баерн по 10 кола во Бундеслигата, по кој шампионот остана на четвртото место на табелата со 18 бода, четири помалку од лидерот Менхенгладбах.