Дарко Панчев објасни зошто одамна не бил на стадионот на Ѕвезда

Црвена ѕвезда во вторник вечер ќе го пречека Баерн Минхен во меч од Лигата на шампионите, овој дуел буди многу сеќавања од полуфиналето на Купот на европски шампиони во 1991 година, а еден од јунаците на таа незаборавна ноќ беше и македонската „кобра“, Дарко Панчев.

„Прво на ум ми доаѓа важноста на тој натпревар и преубавата атмосфера на преполниот стадион, секако и голот во последна минута кој како некој од горе да ни го подари. Притисокот беше огромен, се покажа дека против Германци нема опуштање. Требаше на полувреме да водиме со 2-0 или 3-0, но бевме себични, што можеше да ни се одмазди. Сепак, заслуживме да се најдеме во финалето. Беше таква лудница на терен што не знаевме каде сме“ – се присетува Панчев, кој истотака има заслуга за автоголот, бидејќи го попречи голманот на баварците подобро да реагира додека топката паѓаше кон голот.

Но, Панчев задутре нема да биде да трибините на стадионот „Рајко Митиќ“, порано познат како белградска Маракана.

„Подолг период не сум бил на Маракана, од објективни причини. Во контакт со луѓето од клубот, и некои поранешни соиграчи. Со некои се слушам почесто, но на сите ни е драго кога ќе се видиме или чуеме“ – додава Панчев кој можеби во блиска иднина повторно ќе замине во Белград да гледа некој меч на неговиот поранешен клуб.

- Оглас -

Најнови вести