МЗТ Скопје Аеродром убедливо со 93:68 славеше против Работнички во вечното скопско кошаркарско дерби. Дуелот во „Градски парк“ не понуди резултатска неизвесност, најмногу поради убедливата игра на гостите од Аеродром.
Победата од 25 поени е највисока за МЗТ Скопје Аеродром на гостински терен во „Градски парк“ против Работнички. Претходната највисока победа на Штрковите во оваа сала против Работнички беше на 4 февруари 2012 година, кога МЗТ победи со 88:69.
Работнички поведе со 2:0, а тоа беше прво, но и последно водство за домаќините. МЗТ со серија од 12:2 стигна до предност од осум поени, а домаќините до крајот на првата четвртина намалија на еден поен разлика (17:18). Сепак, надежта за Работнички згасна уште на стартот од втората четвртина.
Аеродромци со серија од 10:0 во 14 минута стигнаа до првата двоцифрена предност 28:17, а потоа и за 41:23 во 17 минута. Во овој период доминираа странските бековите на МЗТ, Херис имаше 13 поени, а Хингс даде 12 поени.
Ништо не се смени ниту во второто полувреме. Шампионот не само што го контролираше резултатот, туку и константно ја зголемуваше предноста, па во 29 минута беше 75:47, додека највисоката разлика беше 30 поени (83:53).
Хиндс со 22 поени и Харис со 18 беа најефикасни кај победничкиот тим, а Маслинко додаде 13 поени. Кај Работнички најефикасен беше Лескот со 25 поени.
Во вториот меч кој се играше денеска, Гостивар со 94:87 го победи Еуро Никел и на тој начин се задржа на лидерската позиција на табелата.
Табела: Гостивар 13 бодови, МЗТ Скопје Аеродром 13, Кожуф 12, Еуро Никел 12, Работнички 11, Куманово 11, Пелистер 9, ФМП Академија 9, Вардар 8, МЗТ Скопје Младинци 7.