Потребна е смелост за да се направи споредба како оваа на селекторот на Белгија, Роберто Мартинес. Шпанскиот стратег смета дека капитенот на селекцијата и член на Реал Мадрид, Еден Азар, е добар во фудбал колку што Мајкл Џордан порано ја владееше кошарката.
Квалитетите на ѕвездата на Реал не се доведуваат во прашање, но оваа споредба е сосема несоодветна бидејќи ако Азар е сместен во шеширот на најдобрите фудбалери во моментов, Џордан уште се смета за најдобар играч во историјата на НБА-лигата.
„Секако дека Азар може да ја освои Златната топка. Според она што го покажа во дресот на Челзи, претходно во Лил, па и сега откако се разигра во Реал, е на врвно ниво и може да стигне до ова престижно одличје. Тој е играч од кого се очекува да реши натпревар, како што правеше Мајкл Џордан. Азар е Џордан во фудбалот“, истакна Мартинес.
Сепак, Мартинес на овој начин сакаше да каже дека Азар е доволно добар фудбалер за да ја освои Златната топка. Има сè што е потребно да биде во тоа друштво на фудбалери, иако конкуренцијата е огромна. Слабиот почеток на кариерата во Мадрид како да му попречи во тој план, а дополнителен проблем направи повредата на глуждот поради која ексиграчот на Челзи ќе го пропушти првото Ел Класико за оваа сезона.