На Косово му се заканува суспензија од две до пет години, а од УЕФА и ФИФА веќе има сериозно предупредување за нашиот следен ривал на патот до Европското првенство во 2020 година.
УЕФА и ФИФА не толерираат мешање на политиката во фудбалот, а токму такви индиции има во битката за претседателската фотелја во косовскиот фудбалски сојуз.
Политички структури се обидуваат да го сменат Агим Адеми, од што би можела да профитира Македонија.
Со Косово на 26. март на домашен терен, веројатно во Скопје, ќе играме полуфинален нокаут бараж меч за пласман во финалето во Д сегментот од Лигата на Нации. Победникот ќе гостува кај Грузија, или Белорусија на 31. март во финале што ќе одлучува за шампионот во Д сегментот, кој ќе игра и на ЕП 2020 година.
Дел од странските медиуми пишуваат дека УЕФА нема да има никаква толеранција за Косово, особено што веќе има проблеми со дел од домаќините на ЕП 2020 година, бидејќи дури 4 земји не ја признаваат државата.
Романија, Шпанија, Русија и Азербејџан се ко-организатори на ЕП 2020 година, а не го признаваат Косово како суверена држава. И токму Букурешт во првата фаза би можел да биде градот во кој Косово, ако биде шампион во Д сегментот би играл, секако под услов Романија да не се пласира на ЕП 2020, исто така преку бараж мечеви во Лигата на Нации.