Усман Дембеле ќе го чека вториот месец од 2020 година за да се врати на терените, третата повреда сезонава одново го спречи да ги оправда средствата кои се вложени во него. Напоредно прави доста проблеми, доцни на тренинзи или воопшто не се појавува, додека не ја користи секоја шанса која ја добива од тренерот Валверде.
Во текот на летниот преоден рок брзоногото крило на Каталонците беше на трансфер листата, меѓутоа ниту еден клуб не ги исполни барањата на шпанскиот првак. На Барса добро ѝ оди без него, што го доведе Дембеле да донесе одлука за својата иднина.
Французинот по крајот на оваа сезона дефинитивно ќе го напушти „Камп ноу“, а пред него се три можни дестинации. Може да заигра во Премиер лигата во дресот на Манчестер сити или Челзи, додека не ја отфрла можноста да се врати во родната земја и да ги брани боите на ПСЖ.
Значи, три избори, а ниту еден од нив не е Барселона, додека понуда која ќе ја прифати управата на Каталонците треба да биде во форма од девет цифри, односно 100, или повеќе од 100 милиони евра.