Тотенхем како второпласиран од групата Б ќе игра во осминафиналето во ЛШ. Петлите вчера загубија на гостувањето кај Баерн Минхен со 3-1, меч во кој Жозе Мурињо одлучи да одмори неколку клучни поединци, додека им даде шанса на оние играчи кои не се често на теренот.
Ждрепката за осминафинале е закажана за понеделник, а можни противници на Тотенхем се Јувентус, ПСЖ, Барселона, Лајпциг и Валенсија. На Мурињо не му е важно кого ќе добие во првата рунда бидејќи, според него, Тотенхем е екипа која секој ќе сака да ја избегне. Воедно, португалскиот стратег додаде дека би сакал во некоја од следните фази повторно да се сретне со германскиот првак.
„Освојувачите на групите ќе сакаат да нè избегнат. Ние сме една од најопасните екипи од вториот шешир. Но, би сакал во некоја од наредните фази повторно да се сретнеме со Баерн Минхен. Сакам реванш каков што доликува, на теренот да го пуштам мојот најсилен тим и да видиме кој е подобар. Вчера изгледавме како составен мозаик од помалку искусни играчи кои сакаа да се докажат“, истакна Мурињо.